Неколку илјади луѓе, меѓу кои и највисокиот католички бискуп во земјата и лидерот на конзервативната опозиција, се собраа денеска на протест против измените на законот за абортус во Малта.
Демонстрантите поставија голема слика од неродено бебе пред канцеларијата на премиерот на Малта, а се слушнаа и слогани против владата, како и повици да се запрат плановите за промена на строгите закони за абортус, пренесува Ројтерс, пренесува Танјуг.
Традиционално католичката Малта е единствената членка на Европската унија која го забранува абортусот во сите околности, дури и кога бременоста го загрозува животот или здравјето на жената.
Минатата недела министерот за здравство на Малта, Крис Ферн, во парламентот воведе амандман според кој лекарите повеќе нема да ризикуваат до четири години затвор доколку нивната интервенција на жените со сериозни здравствени проблеми доведе до прекин на бременоста.
Десничарската опозиција, моќната Католичка црква и некои невладини организации го опишаа законот како непотребен и како увертира за целосна либерализација на абортусот, што владејачката Лабуристичка партија на левиот центар го негира. Владата на премиерот Роберт Абела има мнозинство во парламентот, но анкетите покажуваат дека мнозинството жители на Малта се против абортусот.
Иницијативата за промена на правилата за абортус беше покрената откако на американската туристка Андреа Пруденте во јуни оваа година беше одбиено барањето за прекинување на бременоста, иако бременоста не беше остварлива. Нејзините лекари рекле дека нејзиниот живот е во опасност по обилно крварење, а била пренесена во Шпанија каде што абортирала. Пруденте подоцна ја тужеше владата на Малта, повикувајќи ги судовите да прогласат дека забраната за абортус во сите околности ги крши човековите права.