Незадоволни од откупната цена, но и игнорантскиот однос на надлежните институции оризопроизводителите повторно го блокираа регионалниот пат Штип-Кочани. Бараат минимална откупна цена од 40 денари, за разлика од сегашната што се движи од 22 до 25 денари.
Гневот кај земјоделците дополнително порасна откако власта најави дека нивите иако приватни, доколку не бидат обработувани, ќе бидат дадени на закупци, но незадоволни се и од новиот модел за субвенционирање со кој се предвидува задолжително осигурување.
„Субвенции ќе земам 2.500 евра а за осигурување ќе треба да дадам 3.000 евра. Вака не бива! Сакат да ни ги земат и субвенциите! Од една страна ќе дадат, а од друга ќе ни ги земаат нивите“, изјави за Алафа ТВ Венцо Стојанов.
Од Самостојниот синдикат на земјоделци посочуваат дека во моментот цената на светската берза се движи по 3.000 евра за тон, за разлика кај нас каде цената е за три пати пониска.
„Тоа само по себе кажува каков третман имаат земјоделците од страна и на откупувачите и на власта. Инертниот однос од страна на Владата во вакви услови е недопустлив“, изјави Ставре Јанев од Самостојниот синдикат на земјоделци.
Оризопроизводителите добија поддршка од други земјоделски здруженија , а до крајот на годината најавуваат генерален штрајк. Денешниот протест беше со силно полициско обезбедување. Добар дел од оризопроизводителите, како што објаснуваат од Иницијативниот одбор, не се осудиле да излезат на блокадите бидејќи биле уценувани дека оризот ќе им остане во амбарите, неоткупен.