Протест на родителите од градинката „Снежана“ поради отказ на две негувателки

Револтирани родители излегоа на протест пред општина Чаир. Бараат локалната самоуправа да ги продолжи договорите на две воспитувачки во градинката Снежана, на кои им било кажано од понеделник да не доаѓаат на работа. Велат дека тоа е голем шок за нивните деца кои се навикнати  на негоателките кои се покажале како одлични педагози. Испратиле петиција до директорката на градинката и до општина Чаир. Но од градинката им било кажано дека целата работа ја кочи општината. Една од мајките со солзи во очите прашува како е можно 36 деца да останат со една негователка.

Доколку до понеделник општината не дозволи негователките да се вратат на работа, родителите најавуваат порадикални мерки.

Од општина Чаир засега нема реакција. Бројот за контакт поставен на сајтот не постои.

Ова не е прв случај на отпуштања од градинките низ земјава. Пред извесен период реагираше и Синдикатот за образование и наука. Апелираше институциите да најдат решение бидејќи ваквата состојба негативно се одразува врз децата на кои им се менуваат воспитувачките. Од Министерството за труд пак ја префрлија топката на општините. Иако претходно соопштија дека тие обезбедиле согласност за трајно вработување на лицата на кои им истекуваат договорите за работа. Но тука завршува нивната надлежност.