Протест на жителите од населба Лисиче

Револтирани жители на скопската населба Лисиче втор ден по ред ја блокираа крстосницата на булеварот „12-та Македонска бригада“. Бараат сообраќајна сигнализација која ќе стави крај на дивото возење, а пешаците ќе бидат побезбедни. Жителите велат дека иако се ставени знаци, тие биле на несоодветно место и не се прегледни, а поставените вибрациони ленти само ги иритирале возачите да возат побрзо. Луѓето се плашат да ги пуштат сами своите деца на училиште, поради тоа што возачите брзо возат и не ги почитуваат поставените знаци. На овој потег статистиката покажува дека за неполни пет години на оваа улица се случиле дури 19 сообраќајки. Една од нив се уште е свежа во сеќавањата на околните жители – на пат за училиште, десетгодишно девојче било прегазено на пешачки.

Барањето за поставување семафори кое жителите го доставиле до Град Скопје не вродило со плод. Оттаму им образложиле дека физичките препреки како вибрациони ленти и асфалтни перничиња се поефикасни. Сепак, доколку безбедноста не се намали, од градот ветија дополнителни мерки.

Жителите на скопско Лисиче најавија радикализирање на протестите за да може нивниот глас повторно да го слушнат институциите.