Стотици граѓани масовно излегоа пред платото на МКЦ на протестен музички собир за поддршка на установата. Музичарите неформално се собраа на концерт под мотото „Сите за МКЦ“ откако градоначалничката Арсовска го разреши доскорешниот в.д. директор Ванчо Богоев. Тој не подлегна на жестокиот притисок од локалната власт за вработување на музичарот Арбен Шакири, кој неколку години покажува интерес да застане на чело на МКЦ. Сепак, Арсовска постави нов в.д. директор, дипломиран детектив, кој нема никакво искуство во културата и едвај неколку дена работен стаж. Од програмскиот совет на МКЦ велат дека неговото именување е противзаконско, а за тоа постапка ќе покрене и Антикорупциската комисија.
Пред неколку години Арбен Шакири исто така пројави амбиции да стане директор на МКЦ, но уметниците се дигнаа на нозе и обидот пропадна. Од МКЦ не знаат зошто културна установа со ограничен и мал буџет кој дополнително е скратен за цели 92% е мета на политички игри изминативе години. Велат сакаат само да работат и да ја афирмираат независната сцена во земјава.
МКЦ неодамна прослави половина век работа. Арсовска пред само неколку месеци за успешната работа го награди директорот кој сега експресно го разреши. Нови раководни кадри освен МКЦ, добија и Зоолошката Градина и Скопски Водовод.