На грчките острови Лезбос, Самос и Хиос, локалното население штрајкува и протестира поради начинот на кој владата во Атина го решава проблемот со имигрантите кои пристигнуваат од Турција, пренесуваат во средата медиумите.
Бројот на мигрантите расте, а условите во пренатрупаните логори на островтите се ужасни. Во Морија, најголемиот камп на островот Лезбос, повеќе од 19.000 баратели на азил се сместени во објект чиј капацитет е 2.840 лица. На театарот на Лезбос е истакнат транспарентот „Го сакаме назад својот остров“.
Гувернерот на регионот Северен Егеј, Костас Муцурис, изјави во средата дека е „огорчен“ од тоа што грчките острови „станаа места на коишто се концентрирани и притворени“ илјадници луѓе од целиот свет.
До раните попладневни часови околу 3.000 демонстранти се собраа во Митилена, главниот град на Лезбос, а 1.500 луѓе во центарот на Самос. Возачите на такси возилата и на автобусите се приклучија на штрајкот, бензинските пумпи најавија дека ќе бидат затворени, како и некои клиники и адвокатските канцеларии.
Многу локални жители се чувстуваат напуштени од државата. На островот Самос, барменот Јоргос изјавил за BBC дека се лути на властите. „Тука е како во затвор. Мигрантите не смеат да го напуштат островот. Не се слободни да одат каде што сакаат“, рекол.
Во Самос, бегалскиот камп е сместен во маслиник на рид, само неколку минути пеш од центарот на градот.
Министерот за миграции и азил, Нотис Митаракис, кој ги посети Самос и Лезбос во текот на викендот, исткна два начина на ограничување на мигрантите на грчките острови.
„Прво, поефикасна стража на нашите граници и, второ, моментално враќање на оние кои не заслужуваат меѓународна заштита“, рече Митаракис.