Протести во Скопје и Битола под мотото „Правда за Јана“, „Уште колку здрави деца како Јана треба да умрат?!“

Група родители попладнево се собраа пред Министерството за здравство во знак на поддршка на протестот на битолчани кои бараат одговори од што почина петгодишната Јана Христовска. Граѓаните посочија дека треба да се престане со молкот и да се кажат точните причини за смртта на девојчето.
„Ние би сакале да ја пренесеме порака за поддршка за битолчани, бидејќи не се работи само за Јана. Дојдов тука бидејќи себеси си должам да бидам присутна, бидејќи бев и за Тамара. Очекував реформи во здравството, да не дојде до ваква ситуација, да, ние бараме правда за некое наше дете. Не сме тука за линч на лекарите – туку бараме брзи и ефикасни одговори како може да дојде до ваква ситуација каде имаме смрт на дете од непознати причини. Јана е од нешто отидена, сакаме да знаеме зошто е така“, иајави жена присутна на протестот.
„Ако немаш пријател умри си“, “Партизирано здравство-непријател број 1 на здравството“, „Сложни доктори и во петок закопуваат“, „Немаме солзи да ви ги исплачеме гревовите“, „Уште колку здрави деца како Јана треба да умрат?!“, „Купената диплома слугува на народот!“
Ова се само дел од паролите кои се истакнати на битолскиот плоштад „Магнолија“ каде попладнево граѓаните излегоа на мирен протест да го искажат револтот од македонското здравство и да побараат правда за Јана.
Јана Христовска почина на 22 март откако прими инфузија во Клиничката болница во Битола. Државниот здравствен и санитарен инспекторат, по увидот, соопшти дека немало пропусти во лекувањето и кај девојчето се јавиле проблеми со срцето поради што настапила смрт.
Сведоштво за последните моменти на Јана имаше и нејзините татко и мајка кои за медиумите изјавија дека се убедени оти за смртта на нивната ќерка пресудна била инфузијата со гликоза што ја добила и покрај тоа што претходно анализите покажале дека шеќерот ѝ е 9. По инфузијата, шеќерот ѝ се качил на 19 и состојбата ѝ се искомплицирала, а по три часа, им соопштиле дека починала.