Протестите на „Ивент индустријата“ ставени во мирување, закажана е средба со Битиќи во сабота

Претставниците на „Ивент индустријата“ кои три дена протестираа пред Владата денеска добиле покана од вицепремиерот Фатмир Битиќи да се сретнат и да разговараат за изнаоѓање решенија за помош на овој сектор.

Асоцијација ИВАП попладнево соопшти дека средбата со Битиќи е закажана за во сабота во Владата во 10 часот.

Наведуваат дека заради желбата за прогрес и изнаоѓање на прифатливо и одржливо решение за помош, од утре протестите ќе ги стават во мирување. Нивното повторно обновување ќе зависи од текот на разговорите и од евентуалното решение кое ќе биде постигнато.

Организаторите на протестите на „Ивент индустријата“ велат дека се свесни за економската состојба на државата, но укажуваат оти тие се една од најзагрозените гранки како последица на корона-кризата, и затоа бараат поголема помош и поддршка од Владата.