Прв починат од омикрон во Велика Британија

Најмалку еден пациент во Обединетото Кралство починал откако се заразил со омикрон варијантата на коронавирусот, изјави во понеделникот британскиот премиер Борис Џонсон.

„За жал, потврдено е дека најмалку еден пациент починал од омикрон. Поради тоа мислам дека мораме да заборавиме на идејата дека тоа на некој начин е поблага варијанта на вирусот и да сфатиме дека брзо се шири во популацијата“, изјави Џонсон за новинарите.

Откако на 27-ми ноември беа потврдени првите случаи на зараза со омикрон сојот, владата на премиерот Џонсон воведе построги рестриктивни мерки, а во неделата тој ги повика граѓаните да ја примат и третата ткн „бусетер“ доза од вакцините против Covid-19 за да не дојде до преоптоварување на здравствениот систем.

Британскиот министер за здравство Саџид Џавид предупреди дека омикрон варијантата се шири со „неверојатна брзина“ и дека на неа во моментов отпаѓаат 40 отсто од заразените во Лондон.