Прв пораз на Евертон, Арсенал по 47 години загуби дома од Лестер

Во англиската Премиер лига по шест кола повеќе нема непоразени екипи, откако Евертон, кој до неделата имаше четири побди и едно реми, со 0:2 беше поразен на гостувањето кај Саутемптон.

Саутемптон поведе во 27 минута со голот на Џејмс Вард-Проус, а осум минути подоцна Чи Адамс на додавање на Дени Ингс ги постави конечните 2:0. Лошиот ден на Евертон го доплни Лукас Дињ кој заработи црвен картон во 72 минута кога со груб старт прекина опасен противнапад на домашните.

И покрај поразот, екипата на Карло Анчелоти, сепак, го задржа првото место со 13 бодови, колку што има и второпласираниот актуелниот шемпион Ливерпул, а Астон Вила е трета со 12 бодови но со меч помалку. Саутемптон, пак, сега е шести со десет бодови.

Во дербито на колото Арсенал на својот стадион во Лондон беше совладан од Лестер Сити. На „Топчиите“ им пресуди Џејми Варди со ударот со глава во 80 минута, и тоа за „Лисиците“ е првата победа на гости против Арсенал по дури 47 години. За Варди, пак, ова беше 11-от првенствен погодок во дуелите со Арсенал.

Лестер ја прекина серијата од два последователни пораза и сега е на четвртото место на тебелата со 12 бодови, додека Арсенал остана десетти со девет бодови.

Претходно Вулверхемптон и Њукасл одиграа 1:1, со погодоци во последните десет минути од натпреварот. Во 80 минута домашните дојдоа во водство преку Раул Хименез, но за поделбата на бодовите се погрижи Џејкоб Марфи кој беше прецизен во 89 минута.

Вулверхемптон е осми со десет бодови,а Њукасл е 14-ти со два бода помалку.