Деведесет и четиригодишна жене е првиот смртен случај како последица од зараза со коронавирусот, изјави министерката за здравство Полет Ленерт.
Истакна дека починатата се наоѓала во тешка состојба веќе неколку дена. Вкупно во Луксембург, според последните податоци во петокот, инфицирани се 34 лица, изјави Ленерт.
Истовремено во петокот вечерта Полска и Данска објавија дека ги затвораат своите граници, поради опасноста од ширењето на коронавирусот.
Полска ќе го забрани влезот во земјата на странците, а исто така од недела ќе стапи на сила и суспендирањето на меѓународниот воздушен и железнички сообраќај.
Данска, исто така, се реши за драстична мерка за забрана на влез за странците во земјата, која ќе стапи на сила, според премиерката Мете Фредериксен, за да се запре пандемијата на коронавирусот.
„На сите туристи и странци кои не можат да докажат дека имаат важна причина за посета на Данска, нема да им биде дозволено влегување во земјата“, порача премиерката Фредериксен.
Граничните контроли ќе продолжат до 13-ти април, а обезбедувањето на границите ќе помага и војската, појасни премиерката. Границите ќе бидат отворени само за транспортот на пхрехранбени продукти, лекови и индустриски стоки. Данска за својата најнова мерка ги известила соседните земји Германија, Шведска и Норвешка.
Претходно своите граници со Италија ги затворија Австрија и Словенија, а Србија воведе запрана за влегување од Италија. Австрија ги прекина и сите воздушни врски со Швајцарија, Франција и Шпанија, и воведе контроли на швајцарската граница, покрај оние кои веќе се воведени на италијанската граница.
Чешка, исто така, денеска објави дека од понеделникот ќе го забрани влезот во државата на сите странски државјани, а нејзините граѓани нема да можат да излегуваат од државата. Странските државјани со престој во Чешка и натаму ќе може да влегуваат во државата, но потоа нема да може да излегуваат.
Лицата кои се враќаат во Чешка од Германија, Швајцарија, Австрија и другите земји со висок ризик, мора да минат две седмици во изолација.