
Првата детска амбасада во светот – Меѓаши, Република Македонија го слави 22-от роденден.
Првата детска амбасада во светот е основана на 29 Април 1992 година во Скопје, како светска асоцијација и прва регистрирана меѓународна, непрофитна, непартиска и невладина организација за заштита на правата на детето.
Амбасадата Меѓаши се залага за почитување на детската личност преку заштита на нивните права, застапување на детските интереси и преку збогатување на животот со содржини кои детството го прават сигурно и творечко. Го зајакнува НВО движењето за правата на детето развивајќи го волонтерскиот пристап во работата и се грижи за спроведување на Конвенцијата за правата на детето.
Амбасадата со своите активности придонесе во развивањето и јакнењето на граѓанската свест за детските права. Taa го сруши молкот за детските страдања, особено за физичката, сексуалната и економската злоупотреба на децата, откривајќи во јавноста повеќе случаи на злоупотреби и директно ангажирајќи се за воспоставување поефикасни механизми за заштита на децата.