Првата „Парада на гордоста“ во Скопје помина мирно и без инциденти

Неколку илјади граѓани денеска маршираа низ скопските улици на „Парадата на гордоста“, што се одржа за прв пат во Македонија.

Парадата започна во 12 часот пред паркот „Жена борец“ и продолжи кон Градскиот парк каде што покрај неколку музичари, настапи и Тамара Тодевска со песната „Прауд“
Маршот што го обезбедуваа голем број полициски единици помина без никакви инциденти.

Со транспаренти и знамиња со боите на виножитото, меѓу учесниците кои парадираа по скопските улици забележливо беше присуството на учесници од повеќе држави, меѓу кои Грција, Бугарија, Србија, Велика Британија.

На настанот беа присутни и членови на Владата,меѓу кои министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, советникот Роберт Алаѓозовски, екс-пратеникот Павле Богоевски, како и голем број членови на невладини организации.
Истовремено, денеска со зурли и тапани, оро и молитви се одржа и Маршот за традиционално семејство, кој се организираше како контра-собир на првата Парада на гордоста. По литургијата во црквата Пресвета Богородица во Скопје, собраните пееја духовни песни, се прекрстуваа и носеа пароли „Брак, семејство, иднина“, „И плодот во утробата има права“, „Полот и родот е биологија, не идеологија“… Нив ги придружуваа свештеници од МПЦ, чесни сестри од католичката црква и припадници на муслиманската заедница, евангелистичката и методостичката црква.