Првата жена претседател на Грција положи свечена заклетва во парламентот

Во полупразна сала во грчкиот Парламент, со намален број пратениците, превентивно, поради коронавирусот, под засилени мерки на хигиенска заштита, Екатерини Сакеларопулу положи свечена заклетва и официјално стана прва жена претседател на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Церемонијата во грчкиот Парламент, овој пат, поради мерките за спречување на коронавирусот, воопшто не наликуваше на досегашните церемонии на положување на новиот грчки претседател, со оглед на тоа дека бројот на присутни беше сведен на минимум.

Сакеларопулу положи религиозна заклетва во присуство на грчкиот Архиепископ Јеронимос, а дури и претставниците на Светиот синод на ГПЦ, беа во намален број.

Новата претседателка на Грција, по заклетвата положи цвеќе на споменикот на Незнајниот јунак пред грчкиот Парламент.

Веднаш потоа, ќе замине за претседателската палата и официјално ќе ја преземе функцијата од Прокопис Павлопулос.