Првични сознанија за причината за пожарот во РЕК Битола

Се работи на оспособување на трансформаторот на Блок 3 во РЕК Битола кој беше ошететен во пожарот минатиот петок, а според првичните наоди, причина за пожарот е висок напон кој дошол до трансформаторот преку електроенергетскиот систем.

„Стручни лица од РЕК Битола, со поддршка на колеги од МЕПСО и ЕВН Македонија, како и експерти од техничките факултети во Битола и Скопје, интензивно работат на оспособување на трансформаторот на Блок 3, кој беше оштетен во пожарот минатиот петок. Првичните, неофицијални наоди говорат дека пожарот го предизвикал висок напон кој дошол до трансформаторот преку електроенергетскиот систем, информира денеска АД ЕСМ.

Генералниот директор и директорот на производство во АД ЕСМ, Васко Ковачевски и Благојче Трповски најавија формирање на експертски тим од енергетските компании кој ќе ги дефинира чекорите за спречување на слични појави во иднина.

Од компанијата информираат дека двајцата директори изразиле задоволство од зголемената динамика на ископ на јаглен во рудниците на РЕК Битола и формирањето на солидни залихи на депонијата од која се снабдува термоелектраната.

„Во РЕК Битола продолжуваат и завршните активности за заокружување на процесот на т.н. нега на Блок 2 кој во недела треба да биде ставен во функција“, се наведува во соопштението.