Првични резултати од изборите во Грција: СИРИЗА води пред Нова Демократија

Грците му даваат втора шанса на Алексис Ципрас. Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, според првичните официјални резултати, СИРИЗА на Ципрас е прва со освоени околу 35 проценти од гласовите, наспроти вторпласираната Нова Демократија на Евангелос Меимаракис, која што засега има освоено околу 28 проценти. Трета политичка сила во Грција по овие избори се чини дека повторно ќе биде Златна Зора.
 
Во однос на Македонија и проблемот што Атина го има со нашето уставно име, не се очекуваат поголеми поместувања, со оглед на тоа што и СИРИЗА, исто како и Нова Демократија, стои зад официјалната грчка црвена линија за име со географска одередница за вкупна употреба. Речиси идентични се и ставовите на двете партии во однос на  правата на македонското малцинство во Грција, како и за прашањето за протераните Македонци од граѓанската војна.
 
Сепак, претходната влада на Ципрас ќе остане запаметена како соговорник во преговорите за заемните мерки за градење доверба што Македонија и Грција ги предлагаат, а во насока на регулирање на основните параметри на меѓувладината соработка. Каков ќе биде развојот на настаните во овој контекст по формирањето на новата влада, засега останува отворено прашање.