Првиот авион со осум тони хуманитарна помош и медицинска опрема слета во неделата во Судан за лекување на 1.500 пациенти во земјата каде што повеќето болници не се во функција поради судирите.
Авионот со хуманитарен персонал полета од Аман и слета во Порт Судан, суданско пристаниште на Црвеното Море на 850 километри источно од главниот град Картум, каде што се водат најголем дел од борбите. Воздушниот простор на Судан е затворен од 15-ти април кога избувнаа судири на аеродромот во Картум.
Според Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК – ICRC), пратката содржи главно хируршка опрема. Оваа помош „ќе овозможи лекување на 1.500 повредени, се надеваме дека ќе можеме брзо да ја доставиме до најголемите болници во Картум“, им рече на новинарите регионалниот директор на орагнизацијата за Африка, Патрик Јусеф.
За транспорт на оваа опрема до болниците „потребни се повеќе безбедносни гаранции за градот Картум и провинцијата Дарфур“ каде што се водат најголем дел од борбите во кои за повеќе од две седмици загинаа 500 луѓе. Ситуацијата е „многу тешка“ во Дарфур, рече Јусеф, бидејќи населението бега и нивното следење сега е невозможно.
На лекарите во Судан најпрво треба да им се обезбеди вода и струја, а борците да се убедат да ги напуштат зградите во кои се втаборени. Потребни се делови за обнова на 15 бомбардирани болници и, секако, дополнителен медицински персонал, бидејќи некои лекари веќе две седмици работат без престан.
„Само 16 отсто од болниците во Картум се во функција, велат ОН, а ситуацијата е катастрофална бидејќи има недостиг од лекари и медицински материјали“, додаде Јусеф.
Натаму, неопходно е итно да се најде начин да се згрижат „12.000 пациенти“ кои се во опасност од смрт без дијализа во болниците, без медицинска опрема и без генератори на струја.
Прекинот на огнот истекува на полноќ
Агенцијата Reuters потсетува дека прекинот на огнот истекува на полноќ во понеделник, но двете завојувани страни, редовната армија и паравоените единици, продолжуваат да се обвинуваат меѓусебно за прекршување и борбите продолжуваат трета седмица и покрај предупредувањата дека судиот може да прерасне во катастрофална граѓанска војна.
Најмалку 528 луѓе се убиени, а 4.599 се ранети, според Министерството за здравство и ОН, откако долготрајната борба за власт експлодира во вооружен конфликт меѓу двајца генерали, поранешни соработници. Дефакто претседателот Абдел Фатах ал-Бурхан, кој е врховен командант на суданската армија, се бори со својот заменик Мохамед Хамдан Даголо, познат како Хемедти, водач на моќните паравоени сили за брза поддршка (RSF).
Ситуацијата во Картум, каде армијата води војна против RSF, која зазема позиции во станбени области, била релативно мирна во неделата наутро, јавува дописникот на Reuters, додавајќи дека пожар избувнал во саботата вечерта во близина на центарот на градот.
Поради конфликтот, десетици илјади луѓе побегнаа во соседните земји и сѐ погласни се предупредувањата дека војната во Судан може да се прелее и да го дестабилизира и онака нестабилниот регион.
Конфликтот ги закочи плановите за меѓународно посредувана политичка транзиција од војска во цивилна, за конечно да му се даде на Судан демократска влада, откако двајца генерали го соборија Омар ал-Башир во 2019 година, суданскиот автократ кој владееше 30 години и е обвинет за воени злосторства.
Изгледите за преговори се многу слаби. Генералот ал-Бурхан изјави дека никогаш нема да седне на преговарачка маса со лидерот на RSF, а Дагало вели дека ќе преговара само кога армијата ќе престане со непријателските активности.
Сепак, специјалниот претставник на ОН за Судан, Волкер Пертес, во саботата изјави за Reuters дека неодамна почувствувал промена во позицијата и дека двајцата мажи се поотворени за преговори и рекле дека можат да прифатат „некоја форма на разговори“.
Странски државјани, дипломати, бизнисмени и студенти побегнаа од Судан во една од најголемите евакуации од Авганистан во 2021 година, кога побегнаа од земјата поради враќањето на талибанците на власт.