Првите 1/4 финални билети за Баерн (М) и Атлетико (М)

Како и што се очекуваше, пласман во следната, 1/4 финална рунда од Лигата на шампиони, обезбедија актуелниот бранител на тронот, германскиот гигант Баерн (М) и шпанскиот прволигаш Атлетико (М).

Предноста од првиот натпревар се покажа како пресудна за новиот успех на баварскиот гигант, а реванш дуелот против лондонскиот премиерлигаш Арсенал, одигран на „Алианц Арена” заврши без победник.

Баерн (М) дојде во водство со погодокот на Себастијан Швајнштајгер, а израмнувачкиот погодок беше дело на германскиот интернационалец Лукас Подолски.

Во самиот финиш од натпреварот, напаѓачот на Баерн (М), Томас Милер промаши удар од белата точка.

Уште еден триумф, но сега многу поубедлив од 4:1, забележаа фудбалерите на Атлетико (М) на реванш 1/8 финалниот дуел против италијанскиот калчо гигант Милан.

Два погодока постигна новопечениот репрезентативец на Шпанија, Диего Коста, а противничката мрежа ја погодија и Арда Туран и Раул Гарсија.

Почесниот погодок за Милан беше дело на бразилскиот интернационалец, Рикардо Кака.

Резултати: Баерн (М) – Арсенал 1:1 – вкупно 3:1, Атлетико М. – Милан 4:1 – вкупно 5:1.