Неофицијалното светско првенство во тенис, грен-слем турнирот во англиски Вимблдон е официјално откажан, откако во средата на вонредната седница на организацискиот комитет беше донесена одлука овој турнир да не се игра годинава поради епидемијата на коронавирус, што е за првпат по Втората светска војна.
Турнирот во Вимблдон беше закажан за периодот од 29-ти јуни до 12-ти јули. Претходно во март Здружението на професионални тенисери (ATP) и Женската тениска асоцијација (WTA) објавија дека ќе ги прекинат сите турнири до 7-ми јуни поради пандемијата на короанвирусот. Така Отвореното првенство на Франција, славниот турнир Ролан Гаро, кој требаше да се одржи во Париз од 25-ти мај до 7-ми јуни, е презакажан за есенва. Со тоа 124-то издание на овој грен-слем турнир ќе се одржи од 20-ти септември до 4-ти октомври.
Годинава на терените на Вимблдон требаше да се одржи 134-то издание, а последен пат овој турнир е откажан во 1945 година.
Машкиот турнир најмногу пати го освојувал Швајцарецот Роџер Федерер – осум пати, а седум титули има Американецот Пит Сампрас.
Кај жените на пиедесталот е Чехињата Мартина Навратилова со девет титули, настапувајќи под знамињата на поранешна Чехословачка и на САД. Американката Серена Вилијамс и Германката Штефи Граф имаат по седум пати го освојуваа Вимблдон.
Вимблдон е засега последната голема летна спортска манифестација што се одложува, заедно со Евро 2020 и Олимпијадата во Токио кои беа одложени за една година.