Фудбалерите на Пари Сен Жермен изборија пласман во финалето на францускиот национален купот откако во средата вечерта на „Паркот на принцовите“ убедливо го совладаа Монако со 5:0, во меч во кој гостите играа без сите главни играчи, а ПСЖ настапија со најсилниот состав.
ПСЖ поведе во 26 минута со голот на Јулиан Дракслер, по големата грешка на гостинскиот голман Морган де Сантис. На италијанскиот голман, кој во купот на Франција го заменува стандардниот Даниел Субашиќ, топката му испадна од рацете по шутот на Анхел ди Марија, натрча Единсон Кавани и кусо му додаде на германскиот репрезентативец кој ја испрати топката во празната мрежа.
Веќе во 32 минута домаќините го зголемија водство, откако Кавани со петица прецизно стрелаше по асистенцијата на ди Марија. Во продолжението автогол во 50 минута постигна Сафван М’бае, две минути подоцна прецизен беше Блес Матуиди а Маркињос во втората минута од судиското продолжение ги постави конечните 5:0.
ПСЖ и неодамна беше подобар од Монако во финалето на Лига купот со 4:1. Во првенството на Франција, Монако е прв на табелата со 80 бодови, колку што има и ПСЖ, но парижаните имаат натпревар помалку.
Во финалето на купот ПСЖ ќе игра со Анжер кој во вторникот со 2:0 го совлада Генган, со што по вторпат во својата историја, по 1957 година, се пласираше во финалето. Финалето ќе се игра на 27 мај на „Стад де Франс“.