Во првиот меч од 14-то коло на француското фудбалско првенство, актуелниот шампион Пари Сен Жермен со 2:0 во петокот вечерта пред своите навивачи го совлада Лил.
Аргентинскиот напаѓач Мауро Икарди, кој е позајмен од милански Интер, по 17 минути игра го постигна својот десетти погодок во девет натпревари за водство на ПСЖ. Водството го удвои неговиот сонародник Анхел ди Марија во 31 минута.
Во вториот дел „Светците“ можеа да дојдат и до поубедлива победа, но најзрелите шанси не ги реализираа Јулијан Дреклсер кој шутираше над голот по додавњето од Ди Марија, и Едисон Кавани кој пред крајот упати удар малку над пречката.
Во екипата на ПСЖ на овој меч се врати Нејмар, кој годинава настапи само на шест натпревари, и создаден една мешаница пред противничкиот гол пред да биде заменет од Килијан Мбапе кон средината на второто полувреме.
Гостите од Лил само преку Џека на почетокот од мечот успеаја посериозно да го загрозат Кејлор Навас.
ПСЖ е на врвот на табелата со 33 бодови, 11 повеќе од второпласираниот Марсеј кој има и меч помалку. Лил, пак, остана моментално на седмото место со 19 бодови.
Во сабота играат Лион – Ница, Дижон – Ренс, Амјен – Стразбур, Мец – Ремс, Брест – Нант, Анжер – Нимс, а во недела Бордо – Монако, Сент Етјен – Монпелје и Тулуз – Марсеј.