Имено станува збор за една од најстарите спортски манифестации, трета во рамките на Европски боксерски турнири.
Влогот на многумина низ изминативе 45 години во организирањето на овој настан придонесе “Златниот Гонг” да прерасне во спортски настан кој го промовира нашиот град и нашата држава, оставајќи траен белег низ спортот. Со задоволство можам да констатирам дека посветеноста и заложбата на сите страни вклучени околу организацијата на овој настан, го издигна “Златниот Гонг” на ниво на домашен спортски бренд од светски размери, истакна директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески.
Меѓународниот традиционален турнир во бокс претставува едно од најголемите и најстарите натпреварувања во Европа. Од одржувањето на првиот “Златен Гонг” во 1969 година (во 1988 год. турнирот не се одржа), на неговиот ринг продефилираа најпознатите поранешни Југословенски боксери почнувајќи од Мате Парлов, првиот освојувач Звонко Вуин, па се до легендите на македонскиот бокс – Реџеп Реџеповски, Мухамед Алија, Азис Салиху, Аце Русевски, Вели Мумин, Примислав Димовски и една плејада одлични боксери и освојувачи на “Гонгот” од светските велесили Куба, Русија, Бугарија, Србија, Италија и други.
Годинава “Златниот Гонг” ќе го потврди нивото и квалитетот. Имено, учество ќе земат вкупно 46 натпреварувачи од 9 земји, кои досега се потврдени: Англија, Албанија, Словенија, Косово, Црна Гора, Србија, Романија, Велс и домаќинот Македонија.
Се чека дополнителна потврда од натпреварувачите од Босна и Херцеговина и Бугарија.
Македонската селекција ќе ја сочинуваат пет боксери, кои ќе се натпреваруваат за еден од трите пехари и тоа, најпрестижниот Златен гонг за најдобар боксер, пехар за најдобар техничар и пехарот за најдобар Македонски боксер.
Пехари ќе добијат и најдобриот тренер, најдобриот судија и секако трофеј ќе има и за најдобриот странски боксер.
Извор: Екипа.мк