Пуцко Петрол повторно купи акции во ОКТА, сега фирмата на Исмаил Јахоски од ДУИ има удел од 11 отсто

Нафтената компанија „Пуцко петрол“ ја зголеми својата сопственост за 1,565 акции во рафинеријата „ОКТА АД Скопје“ и сега поседува повеќе од десетина удел во оваа компанија.

„Постапувајќи согласно член 38 од Правилата за котација на Македонска Берза АД Скопје, ОКТА АД- Скопје објавува дека, по соодветно известување, Пуцко Петрол ДООЕЛ Скопје ја зголеми својата сопственост за 1,565 акции, достигнувајќи вкупно 93,530 акции, што одговара на 11,05% од вкупниот број на акции“.

Оваа компанија е позната по добивањето на бројни државни и општински тендери и е во сопственост на пратеникот на владејачката ДУИ, Исмаил Јахоски кој беше градоначалник на општина Пласница 24 години.

„Пуцко петрол“ е во топ три компании кои во 2022 година склучиле 413 договори за јавни набавки во државните институции во вредност од околу 50 милиони евра.