Путин ќе се кандидира за претседател во март в година

Рускиот претседател Владимир Путин одлучи да се кандидира за претседател во март бидејќи верува дека мора да ја води Русија низ најопасниот период во последните децении, потврдиле за „Ројтерс“ шест неименувани извори.

Путин веќе беше претседател подолго од кој било друг руски владетел од Јосиф Сталин и го надмина 18-годишниот мандат на Леонид Брежњев.

Извори на „Ројтерс“ навеле дека вестите за одлуката на Путин протекле и дека советниците сега се подготвуваат за кампањата и изборите за Путин.

„Одлуката е донесена – тој ќе се кандидира“, изјавил еден од изворите кој има сознанија за плановите.

Друг извор потврди дека е донесена одлука и дека советниците на Путин се подготвуваат за учество на Путин, а уште три извори велат дека е донесена одлука и дека Путин ќе се кандидира.