Путин ги обвини САД за разгорување на тензиите во Азија и дека Украинците ги прават „топовско месо“

Рускиот претседател Владимир Путин во вторникот во обраќањето на јубилејната десетта Московска конференција за меѓународна безбедност порака дека Западот се обидува да ја задржи улогата на хегемон во светот а САД ги обвини дека ги разгоруваат тензиите во Азија, како и дека настојуваат да ја одолговлекуваат војната во Украина жртвувајќи ги Украинците како „топовско место“.

„Ситуацијата во Украина покажува дека САД се обидуваат да го продолжат овој судир“, рече рускиот претседател. Додаде дека Вашингтон „го користи народот во Украина како топовско месо“, и ги критикуваше САД поради испораките на оружја за Киев.

Го обвини директно САД за разгорување на тензиите во Азија, оценувајќи дека посетата на претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, Ненси Пелоси, на Тајван како „темелно планирана провокација“.

Минатонеделната посета на Пелоси на Тајван, кој Кина го смета за своја територија и одметната покраина, „не беше само патување на една неодговорна политичарка, туку дел од целисходна и свесна стратегија на САД чија цел е да се дестабилизира и да се посее хаос во регионот и светот“, рече Путин.

Путин посочи дека безбедносниот воен совет АУКУС, кој го договорија Австралија, Обединетото Кралство и САД, е доказ за обидите на Западот во азиско-пацифичкиот регион да создаде воен пакт по примерот на НАТО во Европа и оти за таа цел „се оформуваат агресивни воено-политички сојузи…“.

„САД и нивните вазали грубо се мешаат во внатрешните работи во суверени држави со организирање државни удари, провокации, граѓански војни. Се обидуваат да го принудат независните држави да ја спроведуваат нивната волја, да живеат според нивните правила кои се туѓи, со закани и уцени. Сето тоа се прави со една цел – да се задржи нивната доминација, моделот кој овозможува да го паразитирате целиот свет, како што било пред векови, а таков модел може да се одржи само со сила“, додаде Путин.

„Ситуацијата во светот динамично се менува, се формираат контурите на мултиполарниот светски поредок, сѐ повеќе земји и народи го избираат патот на слободен суверен развој врз основа на сопствениот идентитет, традиции и вредности… Западните глобалистички се спротиставуваат на објективните процеси, предизвикуваат хаос, разгоруваат стари и нови конфликти, спроведуваат политика на ткн зауздување и всушност ги поткопуваат сите алтернативни суверени патишта на развој“, рече Путин.