Рускиот претседател Владимир Путин го повикува во новогодишната честитка американскиот колега по должност Доналд Трамп на прагматична соработка, објави во саботата Кремљ.
„Конструктивниот руско-американски дијалог особено е потребен со цел да се јакне стратешката стабилност во светот“, се наведува во пораката на рускиот претседател Владимир Путин која им ја упати на светските челници по повод Новата година.
Истовремено, Путин новогодишна порака му упати и на сирискиот претседател Башар ал-Асад, кому му порачува дека Русија ќе продолжи да ги поддржува сириските напори во одбрана на суверенитетот.
Путин истакнува дека Русија ќе продолжи да ѝ ја дава на Сирија својата поддршка „во заштита на нејзиниот државен суверенитет, единство и територијален интегритет, во промовирањето на процесот на политичко решение, како и во напорите да се обнови националната економија“, соопшти Кремљ.
Претходно во декември Путин престојуваше во ненајавена посета на руската воена база Хмејмим во Сирија од каде што нареди повлекување на руските сили од оваа земја на Блискиот исток. Но најави дека е постигнат договор со влада во Дамаск следните 49 години да ја задржи воздухопловната база Хмејмим во покраината Латакија, како и целосно да ја претвори во воено-поморска база поранешната техничка логистичка база во пристаништето Тартус.
Русија започна со воздушни операции во Сирија во септември 2015 година по барање на сирискиот претседател Башар ал-Асад, со што направи пресврт во војната започната во март 2011 година во полза на владата во Дамаск. Тоа беше најголемиот борбен ангажман на руските сили во странство, во прв ред на Блискиот исток, по повеќе децении.