Путин и Кси ветија пријателство, но нема напредок за Украина

Кинескиот претседател Кси Џинпинг и неговиот руски колега по должност и домаќин Владимир Путин во вторникот ги завршија дводневните разговори со топли зборови за пријателството меѓу Кина и Русија и заеднички критики на сметка Западот, но без знаци за дипломатски напредок околу Украина.

Посетата на Кси на Москва, што беше поздравена и од руската страна како знак на поддршка од нејзиниот најмоќен пријател и сојузник, беше обележана со демонстрација на црвесто и „нераскинливо“ пријателство. Двајцата челници меѓусебно се нарекоа „драги пријатели“, навестија продлабочување на економската соработка и ги опишаа односите на нивните земји како најдобрите досега во историјата.

Заедничката изјава ги вклучува познатите обвинувања против Западот, особено на сметка на САД дека ја поткопуваат глобалната стабилност и дека НАТО навлегува во азиско-пацифичкиот регион.

Во врска со војната во Украина, Путин го пофали Кси за мировниот план што го предложи минатиот месец и ги обвини Киев и Западот за негово отфрлање.

„Ние веруваме дека многу од одредбите на мировниот план претставен од Кина се во согласност со руските пристапи и може да се земат како основа за мирно решение кога ќе бидат подготвени за тоа оние на Западот и во Киев. Сепак, досега ние не виделе таква подготвеност од нивна страна“, рече Путин.

Кси одвај го спомна конфликтот, велејќи дека Кина има „непристрасна позиција“ за тоа.

Наспроти самитот во Москва, западните сојузници на Украина го спротиставија како значајна ненадејната посета на јапонскиот премиер Фумио Кишида на Киев, каде што се сретна со претседателот Володимир Зеленски.

Киев го смета неговото доаѓање во земјата за време на војната за „историско“. Кишида е единствениот лидер на земја од групата Г7 кој досега не бил во Киев.

Кишида ја посети Буча, мал град недалеку од Киев, кој Западот го преставува за „симбол на злосторствата на руската окупација“. Но Русија е упорна во аргументирањето дека станува збор за инсцениран настан од страна на Киев и Западот и посочува дека по речиси цела година украинската страна и странските истражители сѐ уште не можат да ги конкретизираат наводните жртви.

„Светот беше запрепастен кога виде невини цивили убиени во Буча пред една година. Навистина чувствувам голем гнев поради злосторството откако го посетив тоа место. Јапонија ќе продолжи да ѝ помага на Украина… да го врати мирот“, рече Кишида.

 

Дипломатско покритие

Вашингтон го осуди тајмингот на посетата на Кси на Москва, само три дена откако Меѓународниот кривичен суд во Хаг издаде налог за апсење на Путин под обвинение за воено злосторство поради наводно незаконско депортирање на украински деца. Меѓутоа, посетата на Кси на Москва беше објавена пред повеќе од една седмица а дури потоа во Хаг беше донесена контроверзната одлука којашто во Москва и Пекинг на оценија токму како нарачана за претстојната средба на Путин и Кси.

Инаку САД и Украина не се потписници на Римскиот протокол со кој е формиран овој Хашки трибунал, Вашингтон дури има и закон со кој се забранува овој суд да ги гони американските државјани, а Русија по повеќе од деценија се повлече од протоколот затоа што тој не презема никакви дејствија кога во напад на грузиската војска во 2008 година биеа убиени руски мировници и цивили во автономната кавкаска област Јужна Осетија.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен рече дека посетата „во такво време“ му дава на Путин „дипломатско покрите за злосторствата„. Москва ја негира нелегалната депортација на децата и тврди дека ги зела сираците за да ги заштити, како и дека оние за кои се наоѓаат роднини се вратени веќе во Украина, и покрена своја кривична постапка против обвинителите и судиите на МКС.

Путин и Кси потпишаа договор за партнерство „без ограничување“ минатата година само неколку седмици пред Русија да ја започен својата „специјална воена операција“ во југоисточна Украина. Оттогаш Пекинг го отфрли притисоците од САД да ја обвини Москва за војната и го критикуваше Западот за воведување санкции кон Русија, иако Кина профитираше со обезбедување на голем попуст за купување нафта и гас, откако Русија повеќе не ги извезува енергенсите во Европа како одмазда за западните санкции.

Западот во голема мера го отфрли мировниот план на Кси за Украина како „во најдобар случај премногу нејасен за да направи разлика“, а во „најлош случај како трик да му купи време на Путин да ги обнови своите сили и да ја заостри контролата на окупираната територија“.

Но, Киев, можеби надевајќи се дека Кина ќе остане неутрална, претпазливо го поздрави планот кога Кина го претстави минатиот месец. Зеленски постојано го повикувал Кси да разговара со него. Украинските власти велат дека наскоро би можел да следи телефонски повик. „Чекаме потврда“, изјави украинската вицепремиерка Ирина Верешчук за италијански весник. „Тоа би бил важен потег. Тие имаат што да си кажат“, додаде.

Киев е упорен во тврдењето дека нема мировни преговори со Русија доколку таа не ги повлече своите сили. Москва вели дека Киев мора да ја прифати територијалната „реалност“, алудирајќи на референдумите со кои мнозинското руско и проруско население приклучи на Русија речиси една петтина од Украина, што Киев и Западот го сметаат за нелегално анектирање.

Вашингтон минатиот месец рече дека е загрижен дека Пекинг може да ја вооружи Русија, што Кина го негира.