![putin i nikolic orden](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2017/11/putin-i-nikolic-orden.jpg?resize=640%2C438&ssl=1)
Рускиот претседател Владимир Путин му врачи во саботата Орден на пријателството на поранешниот српски претседател Томислав Николиќ за неговиот голем личен придонес во јакнењето на стратешкото партнерство и пријателските врски меѓу Русија и Србија, објавија белградските медиуми.
На Томислав Николиќ., кој по истекот на претседателскиот мандат беше именуван за челник на Националниот совет за координација на соработката со Русија и со Кина, високото руско признание му е доделено на Денот на националното единство, со кој Русија го одбележува ослободувањето на Москва од полските освојувачи во далечната 1612 година.
Заблагодарувајќи се на признанието, Николиќ рекол дека орденот „во името на граѓаните на Србија го прима од државата за којашто Србија и српскиот народ историски претставува најблизок пријател и сојузник“, на Србија близок „по потеклото, јазикот и верата и историјата, со којшто гради заедничка иднина“.
Како што пренесуваат белградските електронски медиуми, Николич порачал дека Србија и Русија треба да ги унапредат односите и со заеднички сили да ги доведат „до ниво на стратешки“, како и дека „поинаку не смее и не може да биде“.
„Бидете уверени дека, сѐ додека сум жив и што и да работат, ќе продолжам да се залагам за натамошно јакнење на односите меѓу нашите братски народи и држави“, порачал Николиќ, честитајќи им го Денот на националното единство на граѓаните на Русија.