Најрадосниот празник во христијанскиот свет, Божик денеска во различни услови го слават православните цркви ширум светот.
Рускиот претседател Владимир Путин, присуствуваше на божикната литургија во новоизградената црква „Христос Спасител“ во Сочи, а рускиот премиер Дмитриј Медведев беше на литургија во московската Катедрала Христос Спасител, каде литургијата ја служеше неговата Светост патријархот московски и серуски Кирил.
Путин им се приклучи на верниците во црквата која се наоѓа пред Олимпискиот парк во Сочи, каде го слушаше божикното обраќање на патријархот Кирил и се поздрави со верниците. По литургијата разменил божикни подароци со архимандритот Флавијан, на кого му дал руска икона од Исус Христос од 19. век.
Во Украина демонстрантите на централниот киевски Плоштад на независноста синоќа на Бадник буквално останаа во целосен мрак, бидејќи градските власти го изгаснале речиси целото улично осветлување. Струјата била исклучена и во зградата на Синдикалното здружение на трговци, која служи како седиште на опозицијата.
Православните верници во Северна Кореја го прославија денеска Божик во главниот град Пјонгјанг. Литургијата во црквата „Света Тројца“ ја служеле севернокорејските свештеници, отец Фјодор и отец Јован, кои студирале на Московскиот теолошки семинар. На службата присуствуваа дипломати од руската Амбасада, како и претставници од дипломатските мисии на Чешка, Сирија, Кина и Велика Британија во Северна Кореја.
Милиони египетски христијани во оваа главно муслиманска земја, исто така, го прославија Божик, а литургијата е одржана под невообичаено зајакнати безбедносни мерки, поради страв дека исламистите, лојални на сменетиот претседател Мохамед Морси, би можеле да ги нападнат православните цркви бидејќи тие тврдат дека египетските православци одиграле огромна улога во масовните протести кои претходеа на падот на Морси на 3 јули минатата година.
Во црквата „Свети Марко“ во Каиро, литургија служеше патријархот на Коптската православна црква Тавадрос Втори. Црквата претходно била проверена од полицијата поради евентуално поставени експлозивни направи. На литургијата, која била под полициско обезбедување, присуствуваа министри во египетската Влада, воени генерали и политичари, главно муслимани.
Христијаните сочинуваат 10 отсто од населението во Египет, каде живеат 90 милиони жители.