Путин од Лужники порача дека „целта на руската воена операција е ослободување на Донбас (ВИДЕО)

Претседателот на Русија Владимир Путин кажа дека рускиот народ самиот одлучил на референдум да живее на своја земја и да одлучува за својата судбина.

Тој на московскиот стадион Лужники, каде се одржува концерт за прослава на годишнината од анексијата на Крим и Севастопол ѝ го честиташе на Русија празникот.

Путин кажа дека ќе бидат „реализирани сите планови“ и додаде дека жителите на Крим го направиле вистинското нешто поставувајќи цврста бариера на патот на неонацистите.

Рускиот претседател за целите на „специјалната воена операција“ во Украина кажа:

„Луѓето кои живееја и живеат во Донбас не се сложија со државниот удар. Против нив веднаш беа организирани воени операции, не само една. Веднаш беа потопени во блокада, подложени на систематско гранатирање со топови и воздушни напади. Тоа е она што се нарекува геноцид“.

„Главната цел на руската операција е да се ослободи Донбас. Да се спасат луѓето од ова патење, од овој геноцид – тоа е главната причина и цел на воената операција“, порача Путин.

Тој забележа дека почетокот на руската воена операција за заштита на републиките на Донбас сосема случајно е на истиот датум со роденденот на Фјодор Ушаков, славниот војсководец кој никогаш не изгубил ниедна битка.

„Овие грмотевици ќе одат на слава на Русија“, го цитираше рускиот претседател Ушаков. „Така беше тогаш. Така е и денес. Така ќе биде секогаш“.

„Луѓето на 18 март 2014 излегоа на референдум на Крим и во Севастопол. Живееја и живеат на своја земја. И сакаа да ја делат заедничката судбина со својата историска татковина, со Русија. Имаа целосно право и ја постигнаа таа цел“, додаде Путин.