Рускиот претседател Владимир Путин одговори во четвртокот во текот на традиционалната голема прес-конференција дека е отворен за измени на уставот, вклучително и за предлозите да се зголеми моќта на парламентот и да се ограничи бројот на претседателскиот мандат кој една личност може да ги мине на должноста.
Прашањето на уставните промени е повеќе честа тема во странство отколку во самата Русија, во обидите да се процени какви се политичките амбиции на Владимир Путин. На власт од 1999 година, кога како свој наследник на претседателската должност дојде како избор на неговиот претходник Борис Елцин кој за таа одлука според претходно годинава отворените транскрипти на Белата куќа го информирал прво тогашниот американски претседател Бил Клинтон, сега 67-годишниот Путин треба да се повлече од должноста во 2024 година, кога му истекува вкупно четвртиот претседателски мандат кој беше прекинат со премиерски мандат.
Според сегашниот устав на Руската Федерација, кој го ограничува бројот на последователните шестгодишни мандати на два, Путин по истекот на сегашниот мандат не би можел повторно да се кандидира за претседател. Неговите критичари, пак, го критикуваат дека се обидува да си осигури моќ и по 2024-та, со измена на уставот и повторно би се кандидирал за претседател, или би ги зголемил овластувањата на парламенти и би ја презел така зајакнатата должност на премиерот или, дури, би станал челник на Државната заедница на Русија и Белорусија.
Договорот за формирање Унија (Сојузна држава) Белорусија и Русија е потпишан на 8-ми декември 1999 година. Неа ѝ претходеше формирањето на заедницата на Русија и Белорусија во април 1996 година, а во април 1997 година на Сојузот Белорусија и Русија. Меѓутоа, според анкета од јули 2019-та, дури 60 отсто од Русите не знаеле за постоењето на оваа заедница.
Путин на маратонската конференција за новинарите во четвртокот рече дека е отворен за уставните промени кои се однесуваат на овластувањата на парламентот, на премиерот и шефот на државата, но додаде дека на тоа мора да му се пристапи претпазливо.
„Тоа е возможно само по детални подготовки и темелни дискусии во целото општество. Мораме да бидеме многу претпазливи“, рече Путин.
Додаде дека е отворен и за тоа да се доработат ограничувањата на претседателскиот мандат, сугерирајќи дека никој не би смеел да се кандидира повеќе од два мандата.
„Едно од нештата кои би можеле да се изменат е да се отстрани одредбата за последователните мандати. Вашиот верен слуга веќе отслужи два последоватамелни мандата, тогаш си замина од својата позиција и имаше уставно право да се врати на претседателската позиција, бидејќи мандатите не беа последователни. Таа одредба ги загрижува некои наши политички аналитичари и јавни личности. Значи, можеби тоа би требало да се укине“, рече Путин.
Зборувајќи за обвинувањата дека Русија наводно се мешала во британските предвремени парламентарни избори на коишто на 12-ти декември победи конзервативниот премиер Борис Џонсон, Путин решително ги отфрли и го пофали Џонсон дека подобро го сфатил расположението на Британците отколку неговите политички противници. Но потсети на оцените на западните земји за руските изборни процеси. Новинарите го прашаа Путин за извештајот на британскиот парламент според кој Русија се обидувала да се вмеша во британската политика, што Москва неколкупати децидно го отфрли.
„Што се однесува до руското мешање или немешање, ние многупати од властите во другите земји, вклучително и Британија, слушнавме процени за тоа што се случува во Русија. Дали тоа е мешање? Го задржуваме правото на ист начин ние да се однесуваме кон вас. Доколку мислите дека тоа е мешање, слободно така мислете. Но тоа нема никаква врска со мешање“, истакна Путин одговарајќи на неколку прашања на британските новинари.
Запрашан за едно од главните прашања коишто во последно време ја засега централна и западна Европа – испораките на рускиот природен гас преку Украина, Путин посочи дека Москва сакаа да продолжи со оваа практика, без оглед на тоа што ги гради гасоводите за да ја заобиколат оваа соседна земја со која Русија водеше во минатото неколку „гасни војни“ од кои страдаше Европа. Украина е клучен транзитен правец за извоз на рускиот гас во Европа. Меѓутоа до крајот на годината истекува актуелниот договор, а во услови на крајно затегнати односи меѓу двете земји по промената со преврат на проруската влада во Киев во март 2014 година, присоединувањето, анексијата како што смета Западот или присоединувањето и враќањето на црноморскиот полуостров Крим во Руската Федерација, и бунтот во доминатно руски и рускојазичен источен регион Донбас.
„Ќе бараме решение кое е прифатливо за сите страни, вклучително и за Украина. И тоа без оглед на градењето на инфрастуктурата за гасоводите како што се Северен тек 1, Северен тек 2, Турски тек… Ќе го задржиме транзитот на гас преку Украина“, истакна Путин.