Обединета, Русија е непобедива, порача во саботата рускиот претседател Владимир Путин во Москва по повод 75-тодишнината од Денот на победата и крајот на Втората светска војна, која годинава поради пандемијата на коронавирусот се одбележува без традиционалните масовни собири и воени паради.
„Знаеме и цврсто сме убедени дека сме непобедиви кога сме обединети“, изјави Путин пред ѕидините на историскиот Кремљ пред споменикот на Незнајниот јунак во кусиот говор во слава на победата над нацистичка Германија, кој го нарече „свет ден“ за Русите.
Путин директно во говорот не алудираше на пандемијата која оневозможи да се одржи грандиозната традиционална парада на московскиот Црвен плоштад, на која требаше да присуствуваат и бројни странски челници, па дури и американскиот претседател Доналд Трамп своевремено навести дека размислува за свое присуство во Москва.
Путин уште еднаш вети дека земјата дополнително на „соодветен начин“ ќе ја одбележи победата над нацистите. Им одаде уште еднаш почест на 27-те милиони советски граѓани загинати во Втората светска војна и на воените ветерани.
„Ги спасија татковината и животите на генерациите кои доаѓаа, ја ослободија Европа, го бранеа светот… Нашите ветерани се бореа за животот против смртта, нивната солидарноста и решителноста засекогаш ќе ни останат како пример… Се поклонуваме во чест на оние кои не се вратија од војната..“, рече Путин и повика на минута молчење во нивна чест и слава.
Путин претходно се поклони и клекна положувајќи цвеќе пред Вечниот оган, споменикот на Незнајниот војник пред ѕидините на Кремљ, а војнциите во неговата придружба видно го оддржуваа физичкото растојание.
Свеченоста ја одбележаа само припадниците на военото воздухопловство, а десетици борбени, извидувачки и транспортни авиони и хеликоптери ја надлетаа Москва. На небото над Црвениот плоштад, ескадрила со обоен чад го сцрта бело-сино-црвеното руско знаме.