Рускиот претседател Владимир Путин изјави во средата дека капацитетот на гасоводот Северен тек 1, најголемата поединечна конекција за снабдување на Германија и Европа со руски гас, би можел дополнително да биде намален поради забавувањето на редовното годишно одржување на системот.
Гасоводот Северен тек 1, кој минува по дното на Балтичкото Море до Германија, е во центарот на вниманието откако започна руската воена интервенција во Украина, поради што западот ѝ наметна на Москва десетици нови санкции без преседан во историјата, кои се одразија со остар скок на цените на енергенсите и храната и рекордни нивоа на инфлација во европските земји.
Гасоводот од јуни работеше со 60 отсто намалени испораки, поради тоа што Канада одбиваше да ја врати клучната гасна турбина која германски „Siemens“ ја испрати на ремонт во својата канадска филијала. Северен тек 1, како што одамна беше најавено од 11-ти до 21-ви јули е во фазата на редовно годишно одржување.
Извори за агенцијата Reuters рекле дека се очекува дека рускиот гасен гигант „Газпром“ ќе продолжи да испорачува гас преку Северен тек 1 според планираното, но со намален капацитет.
Обраќајќи им се на новинарите по разговорите во иранската престолнина Техеран, Путин посочи дека на гасоводот Северен тек 1 постојат пет единици за пумпање на гасот со коишто управува германската компанија „Siemens Energy“ чиишто погони за поправки и ремонт се крај канадски Монтреал, додека една единица не е во функција поради „распаѓање на внатрешните облози“.
„Таму има два уреди кои работат, пумпаат 60 милиони кубни метри гас дневно… Доколку едниот не биде вратен (од ремонтот), ќе остане само една единица, а тоа се 30 милиони кубни метри гас дневно. Има ли ‘Газпром’ нешто со тоа?!“, одговори Путин на новинарско прашање додавајќи дека уште една турбина за пумпање на гасот би требало да биде испратена на редовно одржување на 26-ти јули.
Северен тек 1 има капацитет над 55 милијарди кубни метри гас годишно за извоз во Европската унија, која минатата 2021 година увезла вкупно околу 140 милијарди кубни метри гас од Русија.
По интензивните преговори со Берлин, Отава се согласи да ја испрати турбината на Германија, и покрај осамените протести на Украина. Според информациите, првично било планирано турбината да биде транспортирана бродски, но планот во меѓувреме бил променет и наводно на 17-ти јули била транспортирана со авион, што не го потврди ниедна од инволвираните страни. Откако ќе пристигне во Германија, постројката со траект ќе биде пренесена во Финска а по копнен пат испорачана во Русија.
Според истиот напис од понеделникот на рускиот дневвен весник Коммерсантъ, турбината би требало да биде ставена во функција на почетокот од август, по потребните тестирања.
Путин во средата, исто така, истакне дека „Газпром“ не е виновен за намалување на капацитетот на испораките на гасот, вклучително и затворањето на една од двете транзитни рути преку Украина којашто одбива да ги прифати закажувањата на капацитети на дневно ниво од страна на руската државна компанија преку еден хаб од нејзината мрежа од страна на руската државна компанија, наведувајќи ги како причина воените дејствија. Повтори дека „Газпром“ е подготвен да ги исполни своите обврски во изаозат на гасот.