Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот ги предупреди западните земји дека постои реален ризик од нуклеарна војна доколку испратат свои војници да се борат во Украина и рече дека Москва поседува оружја кои можат да досегнат до западните стратешки цели.
„(Западните земји) Мора да разберат дека и ние имаме оружје што може да погоди цели на нивна територија. Сево ова навистина се заканува со конфликт со употреба на нуклеарно оружје и уништување на цивилизацијата. Зарем тие не го разбираат тоа?!“, рече Путин.
Обраќајќи им се на членовите на парламентот и на другите личности од политичката и научната елита во земјата, Путин се пофали со, како што рече, многу модернизираниот руски нуклеарен арсенал, за кој и претходно беше шпознато дека во моментов е најголемиот во светот.
Неговото предупредување до Западот доаѓа како одговор на идејата изнесена од францускиот претседател Емануел Макрон во понеделникот, за европските членки на НАТО да испраќаат копнени трупи во Украина, предлог што беше брзо отфрлен од САД, Германија, Велика Британија и други.
Путин го повтори своето обвинение дека Западот има дамнешна намера да ја ослабне Русија и сугерираше дека западните лидери не разбираат колку може да биде опасно нивното мешање во, како што рече, внатрешните работи на Русија.
Рускиот челник кој на чело на државата е повеќе од две децении во кои Русија несомнено доживеа препородување, им предложи на западните политичари кога планираат да ѝ наштетат или разнебтат неговата земја, да се присетат на судбината на оние нивни сонорадници, како што се Адолф Хитлер и Наполеон Бонапарта, кои неуспешно ја нападнаа неговата земја во минатото, а потоа руските односно советските трупи вмаршираа во нивнит престолнини.
„Но, сега последиците ќе бидат многу потрагични“, рече Путин. „Тие мислат дека (војната) е цртан филм“, забележа рускиот челник.
Додаде дека Русија мора да го зајакне својот западен воен округ по приемот на Финска и Шведска во Северноатлантската алијанса.
Неговото годишно обраќање за состојбата на нацијата доаѓа две седмици пред претседателските избори на кои се очекува тој да освои уште еден шестгодишен мандат.
Путин попќи и дека Русите се жртви на западната „русофобија“ која ја шират тамошните политичари. Таквиот однос кон Русите го нарече „глупав“ и смета дека „без суверена, силна Русија не може да има стабилен светски поредок“.
Путин повтори дека Москва е подготвена за дијалог со САД за стратешка стабилност, потсетувајќи го планот за договор што Москва им го предложи во декември 2021 година а кој Вашингтон и НАТО веднаш го отфрлија. Со него се бараше во рамките на гарантирњето на меѓусебната безбедност НАТО да го повлече стратешкото оружје и стратешките бази подалеку од руските граници на линијата до 1991 година, како и соседните земји од кои лесно може да се нападне руската територија да не добијат членство во западниот воен блок.
Путин притоа порача дека нема да успеат обидите да се принуди Русија да преговара.
Исто така, рече дека „јасно мнозинство од населението“ ја поддржува „специјалната воена операција“ во Украина и повтори дека Русија не ја започнала таа војна.
„Ние не ја започнавме оваа војна во Донбас. Како што многупати реков, ќе направиме сѐ за да ја прекинеме, да го искорениме нацизмот. Да ги исполниме сите задачи на специјалната воена операција. Да го заштитиме суверенитетот и безбедноста на нашите граѓани”, рече Путин.