Рускиот претседател Владимир Путин се спротистави во вторникот на проширувањето на овластувањата и продолжувањето на мандадот на шефот на државата, во неговиот настап во долниот дом на парламентот на Руската Федерација пред гласањето за уставните измени.
Валентина Терешкова, пратеничка од редовите на владејачката Единствена Русија, предложи во парламентот промени на рускиот Устав со кои би се укинало ограничувањето на бројот на претседателските мандати или би се донел амандман кој според толкувањата би му овозможил на Путин повторно да се кандидира.
Во своето обраќање во Думата по предлогот на Терешкова, Путин изјавил дека е убеден дека силна претседателска власт е неопходна за Русија, но се изјаснил против укинувањето на бројот на претседателските мандати велејќи дека тоа го смета за несоодветно. Рускиот челник, исто така, смета дека со текот на времето највисоката власт во земјата веќе нема да биде толку персонифицирана во една личност. Истакнал и дека промената на власта е потребна за да се осигура динамина на развојот на земјата.
„Сигурен сум дека ќе дојде време кога највисоката претседателска власт во Русија нема да биде, како што велат, персонифицирана, нема да биде поврзана со ниту една конкретна личност“, изјавил Путин, кого го цитира агенцијата ТАСС.
Истовремено рускиот претседател забележал дека „Но целата наша претходна историја се формираше токму на овој начин и, се разбира, не можеме а да не го земеме тоа предвид. Многу добро сум свесен и за сопствената одговорност пред граѓаните на земјата“.
Путин истакнал дека во Русија не е практично да се укине ограничувањето на бројот на претседателските мандати, бидејќи промената на власта е потребна за обезбедување на динамиката во развојот на земјата.
„Стабилноста може да биде и поважна, и треба да биде меѓу приоритетите, особено во време кога земјата има многу проблеми“, изјавил Путин.
Во секој случај, продолжил, „откако политичката, економската и социјалната сфера имаат внатрешна стабилност и зрелост, кога државата станува помоќна и потешко ранлива однадвор, тогаш секако во прв план доаѓа можноста за промена на власта. Таа е неопходна за динамиката во развојот на државата“, појаснил рускиот претседател.
„Оттаму сметам дека, сепак, не целисходно е да се отстрани од Уставот ограничувањето на бројот на претседателските мандати“, заклучул Путин.
Притоа Путин ги уверувал пратениците дека се води исклучиво од волјата на народот и интересот на земјата. Очекува, исто така, дека заедно со пратениците ќе направат многу за земјата до 2024 година.
Путин, кој во јануари најави иницијатива за уставни промени за кои би се гласало на референдум, според рускиот Устав треба да се повлече од должноста во 2024 година, кога му завршува вториот последователен претседателски мандат.
Во кампањата на Западот, неговата иницијатива, пак, се толкува како обид да му се овозможи на 67-годишниот Путин да остане на валст до 2036 година „ако така тој реши и ако со тоа се согласи Уставиот суд“, како што пишува агенцијата Reuters.
Обраќајќи се во Думата, Путин на некој начин сугерирал дека ја дава својата согласност на предлогот кој формално би го „ресетирал бројот на неговите претседателски мандати на нула“, пишува британската новинска агенција.
„Во принцип, таа опција би била можна, но само под еден услов – Уставниот суд да донесе службена одлука дека таквиот амандман не е во спротивност со принципите и главните одредби од Уставот“, рекол Путин.
Кога оваа мерка би била усвоена, според толкувањето на Reuters, Путин би можел да има уште два шестгодишни мандата.
Путин вкупно извршуваше четири претседателски мандати, а беше меѓу нив и премиер, а со руската политичка сцена неприкосновено доминира откако стапна на неа пред две децении. Критичарите гообвинуваат дека ќе ги искористи промените на Уставот да остане на власт и по 2024 година. Тој, како и претходно, досега не откри какви планови има по таа години, но повеќепати изјави дека не ја заговара советската практика на доживотен челник.