Путин: Русија ќе одговори на нападот врз мостот на Крим

Русија ќе одговори на нападот врз мостот на полуостровот Крим, порача претседателот Владимир Путин откако поради експлозија втор пат за помалку од една година мостот беше повторно затворен. Две лица загинаа а едно малолетно девојче беше повредено во денешната експлозија, која руските власти ја сметаат за терористички напад од страна на режимот во Киев. Според руската антитерористичка комисија, нападот бил извршен од страна на две беспилотни украински летала.

-Тоа што се случи е уште еден терористички чин на режимот во Киев. Ова е безмислен криминал од воена гледна точка, нема никакво значење, бидејќи Кримскиот мост веќе долго време не се користи за воен транспорт, и суров бидејќи беа повредени и загинаа недолжни цивили. Секако, ќе има одговор од Русија. Министерството за одбрана веќе подготвува релевантни предлози, рече рускиот претседател.

Зборувајќи по состанокот со локалните власти по експлозијата, Путин изјави и дека очекува конкретни предлози за зголемување на безбедноста на оваа важна инфраструктура.