Путин: Значаен разговор со Обама

Рускиот претседател Владимир Путин изјави во Франција дека неговите состаноци со западните лидери биле позитивни, а разговорот  со американскиот претседател Барак Обама го оцени како значаен.

„Мислам дека размената на мислењата беше позитивна,“ изјави Путин на новинарите по повод разговорот кој го водел на маргините на свеченото одбележување на 70 години од сојузничкото испловување во Нормандија во Втората светска војна, пренесуваат агенциите.

За средбата со украинскиот претседател Петар Порошенко, Путин изјави дека ги поздравува неговите намери да го спречи насилството во Украина, изјавувајќи дека Киев мора да престане со казнената операција на југоистокот на земјата и дека за тоа не постои алтернатива за решение на кризата на мирен начин.

Обама изрази уверување дека смирувањето на ситуацијата зависи од признавањето на Москва на новиот украински претседател, како и од сопирањето на руската поддршка на сепаратистите на истокот на Украина.

Вчера, Путин и Обама имаа одвоени средби со германската канцеларка Ангела Меркел, британскиот премиер Дејвид Камерон и францускиот претседател Франсоа Оланд.4