Путин знаел за кумановско Грушино и за сите села во Македонија?! Груби му фрли ракавица на Влатко Ѓорчев

Вицепремиерот за политички систем, Артан Груби, ги најави изборите годинава како: избор за европска Македонија или за Русија.

Во тој стил тој зборуваше за руското мешање во нашата држава при што спомна дека рускиот претседател зборувал за кумановското село Грушино во Македонија, а со цел да поттикне меѓуетнички тензии во земјава.

– Имаше изјави од министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и неговата портпаролка Марија Захарова, како и од претседателот Владимир Путин, кој ги знаеше сите села во Македонија, спомнувајќи ги во неговите интервјуа во меѓународните медиуми, но и велејќи дека Македонија е огнената крстосница за Русија во врска со проширувањето на НАТО. Ова е изјава цитирана од Лавров, а потоа тоа го поттикнуваше Путин во неговите медиуми, спомнувајќи го и Грушино од Куманово во своите интервјуа, како и дека ги знае сите села во Македонија, со намера да ја поттикне меѓуетничката напнатост меѓу Македонците и Албанците. Многу предизвици, коишто имаат само едно заедничко име, само еден единствен фактор на потикнување и само еден центар на инспирација, а тоа е Русија. Ако се сеќавате за време на нередите во Собранието имаше еден од руските служби заедно со колега од нашето соседство, коишто ги поттикнуваа тие што протеститраат да влезат и да ги линчуваат пратениците, новоизбраниот претседател на Собранието, мандатарот за нова влада и сите пратеници во прес-центарот – изјави Груби.

Според него, против нашето заедништво работел само еден фактор на поттикнување и еден центар за координација и инцпирација, т.е. Русија.

Притоа, тој оцени дека поттикнувала отпор во нашето општество против Охридскиот договор, против Преспанскиот договор и се правело сѐ тој да не се потпише, вклучувајќи протести и напади пред домовите на пратеници. Според него, истиот центар бил и против промените на Уставот и против зачленувањето во НАТО, прашувајќи сакате ли уште? – по што ја наброја воената агресија на Украина.

Освен Путин, уште еден човек кој очигледно ги знае сите села во Македонија е поранешниот пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев, кој после сите избори ја добиваше задачата да ги набројува општините каде што победиле кандидатите на неговата партија.