Британскиот министер за надворешни работи Доминик Раб изјави во саботата дека Евроспката унија го уверила дека не сака да ги наруши испораките на вакцини против Covid-19 во Велика Британија.
„ЕУ ме увери дека нема намера да ги спречува добавувачите да ги исполнуваат договорите за дистрибуција на вакцини во Велика Британија“, напиша Раб на Twitter.
Раб посочи дека пандемијата може да заврши само со меѓународна соработка.
Британскиот министер за брегзит, Мајкл Гоув, рече дека ЕУ признала дека направила грешка кога накратко се обидела да го ограничи извозот со повик за итна клаузула за брегзитот.
„Тие признаа дека згрешиле и верувам дека сега можеме да се концентрираме на успешна програма за вакцинирање“, изјави Гоув за Sky News.
Европската унија, којашто објави дека претходно нарачала до 400 милиони дози од вакцината на „AstraZeneca/Oxford“, не поверува во оправдувањата на компанијата за најавата за намалување за 60 отсто на испораките на вакцината за ЕУ и побара од „AstraZeneca“ да го пренасочи производството од нејзините погони во Велика Британија, за да го исполни договорот потпишан во август 2020 година, за да се задоволат нарачките на 27-те земји членки на ЕУ.
Претходно во четвртокот министерот во британската влада Мајкл Гоув порача дека Лондон мора да ги добие сите вакцини против Covid-19 кои ги нарачал и платил откако Европската унија побара од англо-шведската фармацевтска компанија „AstraZeneca“ да ги пренасочи дозите кон неа од Обединетото Кралство.
Од „AstraZeneca“ во соопштението од средата објавија дека „секој синџир за снабдување е развиен со вложување на одредени земји или меѓународни организации врз основа на договор за снабдување, вклучително и нашиот договор со Европската унија“.