Работната група на седницата во петокот ја усвои предлог-иницијативата за потребата од измени на Уставот со насоки за изменување и дополнување на Уставот, а предлогот ќе биде доставен до Владата која ќе треба да ја проследи иницијативата до Собранието каде ќе ги мине сите работни тела.
„Состанокот заврши успешно, едногласно ги донесовме сите одлуки, имавме плодна дискусија, имаше презентација на едни, на други аргументи, но она што е најважно е дека се согласивме со она што е предлог за пристапување кон измена на Уставот на РСМ со одредени насоки, изменувања и дополнувања таму каде што треба. Промените се во делот на Преамбулата со тоа што се додаваат неколку народи. По бошњачкиот народ се додаваат зборовите: бугарски народ, хрватски народ, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ, египќански народ“, изјави по состанокот претседателката на работната група Маргарира Цаца Николовска.
Информираше дека има измена и во Комитетот за односи меѓу заедниците заради тоа што сега се јавува поголем број народи кои можат да продуцираат поголем број пратеници и да има пратеници во Комитет на заедници.
Работната група изготвила и кратко образложение за иницијативата и нејзината основаност и оправданост.