И власта и опозицијата ги формираа тимовите кои ќе ги водат преговорите за предлог законот за јавно обвинителство онака како што се договорија во неделата претседателот на Владата, Зоран Заев и претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Разговорите ќе се водат на партиско ниво, а, како што велат од Владата, во обидите да се најде решение за предлог законот со којшто се одредува идното функционирање на Специјалното јавно обвинителство, ќе учествуваат и експерти.
„Групите нема да бидат само парламентарни, туку во нив ќе учествуваат и експерти“, рече денеска портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски кој за повеќе информации упати на партии кои треба да се координираат за работата на групите.
Тимот на СДСМ ќе го предводи министерката за правда, Рената Дескоска. Од ВМРО ДПМНЕ велат со каква динамика ќе работат групите и кога може да се очекуваат првите резултати од преговорите ќе зависи од власта.
Најголема разлика која треба да ја надминат тимовите е останувањето или неостанувањето на обвинителката Катица Јанева на чело на Специјалното обвинителство. За ВМРО ДПМНЕ Јанева не може и не смее повеќе да ја води оваа институција бидејќи како што велат таа не ја оправда укажаната доверба и досега служеше само како алатка за политички прогон на неистомислениците на власта. Премиерот Заев, пак, веднаш по средбата со Мицкоски изрази недвосмислена поддршка за Јанева. Вели доколку тој сам одлучува таа треба да продолжи со својата работа и да биде и реизбрана.
НВО секторот бара повлекување на предлог законот
Повеќе граѓански организации,што се дел од Блу принт групата на организации фокусирани на следење на правосудните реформи и застапување за нивно спроведување, не се согласуваат со начинот на којшто се одвива носењето на измените и дополнувањата на Законот за Јавно обвинителство и бараат Владата да го повлече Предлог-законот, да го врати на доработка во Министертството за правда со фокус на одредбите што се однесуваат на натамошниот статус и работа на СЈО.
Како што стои во соопштението потпишано од Хелсиншки комитет за човекови права, Коалиција Сите за правично судење, Институт за човекови права, Македонско здружение на млади правници, Центар за правни истражувања и анализи, Институт за европска политика и Фондација Отворено општество – Македонија, со овој закон се уредува натамошното постоење, функционирање и надлежност на сегашното Специјално јавно обвинителство без да бидат анализирани значајни проблеми поврзани со работењето на СЈО, познати речиси од самиот почеток на работата на обвинителството, а не се земени и досегашните препораки од граѓанските организации и експертите.
„Како граѓански организации реагираме на нетранспарентноста на процесот во кој се подготвуваше Законот, отсуството на консултации и вклученост на граѓанските организации и стручната јавност а што директно влијае на создавање недоверба во натамошното функционирање на СЈО. Гледано во целина, не беше обезбедено учество на граѓанските организации во работната група која ги подготвуваше измените на законите од кривично правната област. Дополнително, верзијата од Предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за Јавното обвинителство, која беше усвоена од Владата, се разликува од верзијата на работната група, а која ни беше презентирана преку Советот за следење на реформите во правосудството. Како граѓански организации кои учествуваат во работата на Советот, сметаме дека на овој начин, непостапувајќи по препораките кои ги дава Советот, неговата улога ќе биде сфатена како декор и нема да ја врши својата главна мисија на дејствување – контрола на процесот на спроведување на Стратегијата за реформи во правосудството 2017 – 2022 година“, стои во реакцијата.