Радев-Мета: Бугарското малцинство во Албанија е силен мост меѓу двете држави

Бугарија силно го поддржува почетокот на преговарачкиот процес за членство на Албанија во Европската унија. Длабоките и тешки, но со јасен фокус реформи преземени од албанска страна во областа на правдата, економијата и заштитата на националните малцинства го покажуваат тешкиот пат на земјата“. Ова го изјави шефот на државата Румен Радев на заедничката прес-конференција со неговиот албански колега Илир Мета.

Претседателот на Албанија е во официјална посета на Бугарија на покана на бугарскиот претседател.

Румен Радев ја поздрави политиката на Албанија кон националните малцинства и законот донесен во 2017 година за нивна заштита, како и споредните правни одлуки на оваа тема, „за да се исполнат сите неопходни услови за европски пристап и односи. Ќе продолжиме да работиме заедно“, изјави тој, заблагодарувајќи се за отворената политика, благодарение на која бугарското национално малцинство во Албанија продолжува да биде силен мост меѓу двата народи, зачувувајќи го нивниот идентитет, учењето на нивниот мајчин јазик и зачувувањето на нивните национални традиции.

„Се надевам дека ќе работиме многу поактивно на што поскора изградба на културно-информативни центри во Тирана и Софија. Тоа ќе им овозможи на нашите народи многу поплодно да соработуваат на полето на културата и образованието“, изјави претседателот Радев.

Во билатералните односи меѓу Бугарија и Албанија има потенцијал за развој на економската и трговската размена, во инвестициите, културата, науката и образованието, беше заедничкиот став на Румен Радев и Илир Мета. Двајцата претседатели го истакнаа отворањето на директна воздушна врска меѓу Тирана и Софија, што позитивно ќе се одрази на развојот на деловните односи, размената на млади луѓе и меѓусебната поврзаност.

Како приоритет за земјите од регионот, Румен Радев и Илир Мета ја истакнаа изградбата на Коридорот 8, која се одложува долги години. Според претседателот Радев, проектот во своето единство како патна, железничка, енергетска, дигитална поврзаност е клучен за економскиот развој и безбедноста на регионот.

Претседателите на Бугарија и Албанија повикаа да се прекине безумната братоубиствена војна меѓу Русија и Украина, за меѓународна независна истрага за злосторствата извршени во Буча и што поскоро да се откријат и казнат сторителите. Шефот на бугарската држава ја поздрави одлуката на Албанија да испрати свој контингент во мултинационалната борбена група на НАТО во земјата, како симбол на единството во Алијансата.

Илир Мета беше пречекан од претседателот Румен Радев со официјална церемонија. Шефот на државата на Албанија пред споменикот на непознатиот војник положи венец. На „Дондуков“ 2, претседателите разговараа „во четири очи“, по што имаше пленарни разговори меѓу двете официјални делегации.