Многумина, посебно последнава година, се расфрлаат со термините суверенизам, глобализам и неолиберализам. И, бидејќи се користат од слушнато-недослушнато, разбрано-недоразбрано, внесуваат забуна кај читателите и слушателите, а ќе внесуваат смут и кај гласачите на претстојните избори.
За некои од работите да станат појасни, ќе тргнам од последната акција на армијата на САД во Ирак (за оние кои не ги знаат знамињата и државите: Ирак, а не Иран) со ликвидацијата на иранскиот генерал Касем Сулејмани и одговорот на армијата на Иран, со бомбардирање воени бази на САД во Ирак (и повторно за оние: Ирак, а не САД). Значи обете акции се извршени на територијата на Ирак, со што ниту е извршена воена агресија на САД врз Иран, ниту со нападот врз празните американски воени кампови во Ирак, кои патем речено не се дел од Амбасада за да бидат екстериторијални единици, е извршен напад врз територијата на САД, а аналогно на тоа и напад врз НАТО, па според членот 5 од статутот на НАТО и напад врз Македонија, како што смета новиот мариовски Итар Пејо, Дане Талески.
Што всушност се случува во Ирак?
Доналд Трамп изврши акција на САД, а не заедничка акција на НАТО,што е првото што мора да се знае.Со тоа Трамп постигна неколку свои зададени цели:
- Го ликвидира иранскиот генерал Касем Сулејмани, за кого постоеле сознанија дека е организатор на терористички акции, но и архитект на мрежата на радикалниот ислам на Балканот и во Европа. Генерал, кој со својата омиленост меѓу народот можеби претставувал закана и за актуелната власт во Техеран. Можеби акција која одговара на двете страни? Со тоа Трамп отвора пат за започнување билатерални преговори меѓу Вашингтон и Техеран, што до пред десет дена изгледаше невозможно.
- Со избрзаното повлекување на своите војници од Ирак, неколку држави членки на НАТО, меѓу кои Словенија и Хрватска, ја потврдија тезата на Макрон дека НАТО е клинички мртво, но и податокот дека без САД, НАТО всушност и не постои.
- Со пристигнувањето во заливот најпрво на британските воени бродови, Трамп овозможи позиционирање на својот најважен сојузник, постбрегзитска Велика Британија. Онаа постбрегзитска Британија која треба да биде негов партнер на новата конференција на „Јалта“, на новата распределба на сфери на влијание.
- После средбата на Макрон со иранскиот министер за надворешни работи Махмуд Џавад Зафир летоска додека траеше состанокот на Г7 во Бијариц, Трамп по вторпат и овозможува на антинатовска Франција, заедно со Канада, да биде дел од обидите за намалување на тензиите на просторите во заливот.
- На внатрешен план со овој потег Трамп ги засилува своите позиции пред расправата за негов импичмент и ја зголемува предноста пред своите противкандидати на претседателските избори годинава, со што добивајќи веќе се’ поизвесен втор мандат во Белата куќа, го најавува целосното уништување на американската длабока држава.
Зошто е сето ова исклучително важно за она што во скора иднина ќе се случува во светската геополитика?
Бидејќи станува се поизвесно одржувањето на новата „Јалта“, за нова распределба на сфери на влијание, за што пишувам веќе со години наназад, а своето место веќе го обезбедија суверенистичките САД, Русија и Кина, на кои ќе им се придружи и постбрегзитска Британија, конференција на која најверојатно ќе биде донесена и стратегија за глобална битка против таканаречениот неолиберализам.
Каде е местото на макронова Франција во сето ова?
Макрон е првиот левичар кој ја увиде опасноста од оние кои себеси се нарекуваат неолиберали, а всушност се посттроцкистички неокомунисти, наследници на посттроцкистичките комунисти од втората половина на дваесеттиот век, оние кои ги формираа терористичките фракции како Баден-Мајнхоф во Германија и „Црвените Бригади“ во Италија. Оние кои како радикална левица го користеа тероризмот како свој крвав начин на борба.
Заради опасноста од таквата радикална, неокомунистичка левица за неговата држава, но и за мирот во светот, Макрон е првиот кој создава суверенистичка левица, или за да ви звучи поприфатливо – граѓанска левица со суверенистичка реторика и како таков се наметнува за лидер на Европската Унија (Слушнете го неговиот говор во Белград при посетата на Србија летоска, кога десеттина пати говореше за суверени држави). Ако кон ова го додадеме и податокот дека Франција после британскиот брегзит ќе биде единствената држава членка на ЕУ која поседува нуклеарно вооружување и истовремено единствена држава членка на ЕУ, постојана членка на Советот за безбедност при ООН, станува јасно зошто со поддршка од Трамп се позиционира дури до ситуација да биде евентуален учесник на новата „Јалта“. Па, како предводник на новата суверенистичка левица, да учествува во креирањето на стратегијата против најголемото зло на човештвото – посттроцкистичкиот радикален неокомунизам маскиран во неолиберален глобализам. Оној посттроцкистички неокомунизам на Џереми Корбин, катастрофално поразен од суверенистите на Борис Џонсон на последните парламентарни избори во Велика Британија.
Зошто е сето ова важно за Република Македонија?
Затоа што македонската левица, поточно СДСМ, партија која до пред пет шест години беше вистинска граѓанска левица, изградена врз суверенизмот на „таткото“ на партијата, Киро Глигоров, е киднапирана од радикални, посттроцкистички, неокомунистички потомци на злогласната комунистичка УДБА, маскирани во неолиберални проЕУ и проНАТО глобалисти и како таква е легитимна цел за „отстранување“ од политичката сцена. Најпрво со катастрофален пораз на претстојните парламентарни избори, а потоа нејзино слабеење до ниво на непрепознатливост. Затоа она што со години наназад го пишувам ќе го повторам уште еднаш – здравите, граѓански сили во СДСМ, оние кои се потиснати од неокомунистичките насилници, имаат обврска, но и последна шанса да ја преземат партијата во свои раце, за да ја зачуваат, но што е уште поважно, за да и’ помогнат на Македонија.
И второ, затоа што конечно од балканската политичка сцена, вклучително од македонската, ќе бидат отстранети старите албански марксистички „спијачи“, како Харадинај и Тачи на Косово и Ахмети во Македонија, искористени од радикалните посттроцкистички политичари од длабоките држави, за тероризам, за формирање „Црвени бригади“ на 21-от век.
Со тоа вратата за победа на коалицијата „За обнова на Македонија“ е широко отворена, а единствено политичките партии на македонските Албанци кои ќе „побегнат“ од канџите на радикалниот неокомунизам, ќе можат да бидат партнер во новата влада.
Зашто обновата на државата ќе може да започне само после обновата во политичките партии. Се’ друго би било фарса, која после новата „Јалта“ ќе биде сурово казнета.
Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес