Германскиот радикал Хорст Малер, 81-годишник познат по негирањето на холокаустот за што е извикан како неонацист, уапсен е во понеделникот во Унгарија врз основа на потерница која ја објави германското правосудство, соопшти унгарската полиција.
„Хорст Малер (81) кого го бараат германските власти уапсен е во 13,45 часот во Спрон“, место во близина на австриската граница, се наведува во соопштението.
Како член на Неонацистичката партија на Германија (NPD) во 2009 година е осуден на казни од шест и од пет години затвор за негирање на холокаустот и поттикнување омраза.
Во април требало да се врати во затвор за да го отслужи остатокот од казната. Меѓутоа, во пресрет на сослушувањето се јави со видео порака дека ќе бара азил во друга држава.
Унгарските власти ги негираа пишувањата на медиумите според кои Малер имал намера да бара политички азил во Унгарија, додавајќи дека би бил одбиен дури и доколку тоа го сторел.
Неколку пати осудуван, овој поранешен адвокат според обвинението бил член на NPD, најрадикалната германска екстремно десна партија од 2000 до 2003 година. Се повлекол од членството бидејќи ја сметал партијата застарена.
Пред ангажманот во крајната десница,, Малер беше еден од основачите на терористичката крајно лева радикална организација Фракција на црвената армија (RAF) којашто војуваше со „империјалистичката држава“ во 70-те и 80-те години од минатиот век.
Уште тогаш е осуден на десет години затвор кои ги одлежа меѓу 1970 и 1980 година.