Иранскиот претседател Ебрахим Раиси во петокот порача дека неговата земја нема да започне војна, туку „силно ќе одговори“ на секој што ќе се обиде да ѝ наштети.
Изјавата на Раиси уследи по неколкудневните шпекулации за можна одмазда од Вашингтон, откако тројца американски војници беа убиени во напад на ирачка шиитска милиција која се поврзува со Иран врз американска база наводно во Јордан минатата сабота.
Американската телевизиска мрежа SBC News, цитирајќи американски официјални претставници, во четвртокот објави дека САД одобриле планови за повеќедневни напади врз повеќе цели во Ирак и Сирија, вклучително и ирански персонал и објекти во тие земји.
„Ние нема да започнеме никаква војна, но ако некој сака да не малтретира, ќе одговориме силно. Претходно, кога (Американците) сакаа да разговараат со нас, рекоа дека воената опција е на маса. Сега тие велат дека немаат намера за конфликт со Иран“, рече Раиси во телевизиското обраќање.
„Воената моќ на Исламската Република во регионот не е и никогаш не била закана за ниту една земја. Наместо тоа, таа ја осигурува безбедност на која земјите во регионот можат да се потпрат и да и веруваат“, додаде Раиси.
САД веруваат дека дронот што уби тројца американски војници и рани повеќе од 40 други е од иранско производство, изјавија четворица американски официјални лица за Reuters. Изворите тврделе и дека елитната иранска Револуционерна гарда повлекува повеќе офицери од Сирија.
Иранските советници им помагаат на војските и на шиитските вооружени формации во Ирак и во Сирија. САД имаат околу 2.500 војници во Ирак и 900 во Сирија, а од почетокот од јануари беше известено дека ирачката влада бара од Вашингтон брзо повлекување на американските и сојузничките трупи од земјата. САД сѐ уште не размислуваат за повлекување од Сирија, каде што на северозападот од земјата ги држат најголемите сириски нафтоносни извори кои непречено ги експлоатираат.