Ракитиќ ќе остане само пуста желба на Реал Мадрид

Претседателот на шпанскиот прволигаш Севиља, Хозе Кастро, експресно ја демантираше пласираната шпекулација дека хрватскиот интернационалец Иван Ракитиќ, за време на летниот преоден рок ќе биде продаден на големиот ривал од Примера дивизион, тимот на Реал Мадрид.

“Јас сум убеден дека Иван ќе остане во Севиља и дека нема да ја смени клупската средина за време на летниот преоден рок. Јас немам таква информација дека фудбалерот е голема желба на раководните лица на Реал Мадрид. Да потсетам дека пред неколку недели Ракитиќ изјави дека е среќен во Севиља и дека не сака да ја смени клупската средина. Пред неколку дена разговарав со неговиот брат, кој е и негов агент. Не ми кажа дека има интерес од Реал Мадрид”, изјави претседателот на Севиља.

Шпанските и хрватските медиуми во изминатите неколку дена ја форсираа приказната дека Ракитиќ во новата клупска сезона ќе соработува со репрезентативниот колега од редовите на Реал Мадрид, Лука Модриќ и дека Севиља ќе заработи околу 15 милиони евра од неговиот трансфер.