Рама до полицијата: Политиката оставете ми ја мене, вие бидете ефикасни

Еди Рама денеска упати апел до припадниците на Министерството за внатрешни работи да не се демотивираат од политичките обвинувања и да продолжат со нивната ангажираност во постигнувањето на уште подобри резултати во борбата против криминалот.

Припадниците на полицијата редовно се изложени на критики од страна на опозициските партии дека се поврзани со криминалот и не се ангажираат за редот и мирот во земјата и за безбедноста граѓаните, што, според Рама, е само „војна на клевети од страна на опозицијата, со цел да ја преземе власта насилно, а не со гласови“.

Многу клевети, многу измислици, многу видео и аудио автори, криминал во дебати, во говори, во коментари, криминал наутро, на ручек, на вечер. Зошто? Тоа е едноставно, тоа се нарекува очајна борба за власт на давеник кој сака да дави под секој услов и со секое средство за насила да ја преземе власта кога тоа не може со гласови. Затоа тоа е моја работа, на Владата, а не на државната полиција. Вашата работа е да одговорите на ова политичко и медиумско варварство, со многу повеќе резултати од до сега, во секој правец и многу побрзо од кога било, порача Рама.

Рама пред сините униформи посочи и статистички податоци како „единствено мерило за криминалот во земјата“. Повикувајќи се на официјални податоци, тој рече дека криминалот бележи опаѓање, вклучувајќи го тука и бројот на убиства во последните години, кој, според Рама, е преполовен.

Статистиката е мерило за криминалот. Лани имало повеќе убиства, но сега повеќе се зборува за тоа. Во периодот јануари-септември годинава има 40 убиства, три повеќе од истиот период лани, пред две години имало 54, во 2013 година 84, додека една година претходно 92 убиства. Почната е црна пропаганда на портали и партии со идејата дека криминалот ја запоседнал државата, зашто полицијата не се борела против него ,туку била негов сојузник, изјави Рама.

Правејќи споредба со статистиката во европските земји Рама нагласи дека во Албанија има поголема безбедност од онаа во Италија или Грција.

Земјите во Европа имаат многу поголем број на убиства, констатираше Рама.