Рангелова: Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ е најсилна женска организација во Македонија и пошироко
Политичките процеси не смеат да останат осиромашени од женскиот начин за согледување на проблемите кои ги тангираат сите во нашата држава. Нема да запреме со нашите активности сè додека не најдеме постојано решение за сите проблеми кои нè засегаат, истакна претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Рангелова
Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ е најсилна женска организација во Македонија и пошироко, истакна Даниела Рангелова, претседателката на Унијата на жени на владејачката партија во своето обраќање на отворањето на 17. Годишна конференција на оваа Унија. Таа истакна дека благодарение на нивниот труд, гласот на жената во земјава денес се слуша многу повеќе отколку во минатото.
„Ние од Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ го имаме својот глас. Ние сме силни жени и затоа сме најсилната женска организација во државава и пошироко. Гласот на жените во Македонија одамна се слуша, и за воља на вистината е вреднуван многу повеќе од претходно“, рече Рангелова.
Конгресот на Унијата се одржува под мотото „Посветено, успешно, храбро за Македонија“. Рангелова истакна дека тие во минатото го одбрале патот на посветеноста за решавање на проблемите.
– Ние жените, во минатото имавме можност да избереме две опции, посветеност наспроти индиферентност кон тоа што се случува во Македонија. Одлучивме да работиме за иднината на Република Македонија. За тоа беше потребна воља, пожртвуваност. Посветеноста, храброста и успехот не ѝ недостасувале на Унијата на жени. Овој успех е посветеност на секоја од вас. Вие сте движечката сила на оваа организација – рече Рангелова.
Таа додаде дека Унијата на жени е најсилната организација и е пример за секоја жена, како и дека е еден од поважните столбови на ВМРО-ДПМНЕ.
– Сите овие години, мотивацијата воопшто не се намали. Како резултат на ова, ние сме дел од сите општествени промени. Ние како Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ, го втемелуваме нашиот потенцијал во разни проекти. Унијата на жени се стекна и со обучени кадри. Политичките процеси не смеат да останат осиромашени од женскиот начин за согледување на проблемите кои ги тангираат сите во нашата држава. Нема да запреме со нашите активности сè додека не најдеме постојано решение за сите проблеми кои нè засегаат – истакна Рангелова.
Фото: Телеграф