Ранил Викремесинге е избран за нов претседател на Шри Ланка

Парламентарците на Шри Ланка денеска го избраа актуелниот премиер Ранил Викремесинге, за нов претседател на земјата, наместо Готабаја Раџапакса, кој по масовните протести поради колапсот на економијата и немирите, побегна од земјата и поднесе оставка по електронска пошта.

„Не треба да ви кажувам за состојбата во која се наоѓа нашата земја. Сега изборите завршија и треба да престанеме да се делиме. Подготвен сум за дијалог со вас“, рече Викремесинге во парламентот.

Тој шест пати беше премиер на Шри Ланка и беше назначен минатиот пат од Раџапакса, за да се обиде да ја врати стабилноста во земјата. По бегството на Раџапакса, Викремесинге накратко имаше улога на претседател.

Тој не е популарен кај гласачите, кои го гледаат како дел од владата на поранешниот претседател. Демонстрантите по денешните избори се собраа пред претседателската резиденција и извикуваа „Оди дома Раниле“.

Во парламентарното гласање, Викремесинге доби 134 гласа, додека поранешниот министер Дулас Алахаперум освои 82. Шри Ланка обично го избира претседателот на непосредни избори, но функцијата му се дава на парламентот доколку претседателската функција остане празна пред крајот на мандатот.

Новиот претседател ќе ја извршува функцијата до 2024 година, кога и официјално истекува мандатот што претходно му беше доделен на Раџпакса.

Дулас Алахаперум, поранешен министер и владин портпарол, беше номиниран од отцепената фракција на владејачката коалиција, а партиите на етничките малцинства најавија дека ќе го поддржат. Се кандидираше и лидерот на Марксистичката партија Анура Дисанајаке.

Раџапакса побегна од земјата и поднесе оставка преку е-пошта минатата недела, откако демонстрантите лути поради економскиот колапс на земјата упаднаа во неговата официјална резиденција и ги окупираа клучните државни згради.

Претседателите во Шри Ланка обично се избираат од јавноста. Одговорноста паѓа на Собранието, само доколку претседателската функција се испразни пред официјалното завршување на мандатот.

Викремесинге (73) има долгогодишно искуство во дипломатските и меѓународните работи и водеше клучни разговори со ММФ. Сепак, тој е непопуларен кај пошироката јавност, која го гледа како остаток од владата на Раџапакса, која ја доведе земјата во економска катастрофа.