Распишан конкурсот за наградата „Роман на годината“

Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски” денес (четврток, 15 декември) го распиша конкурсот за наградата „Роман на годината за 2022 година” кој ќе трае до 15 јануари следната година.

Право на учество имаат романите кои за првпат се објавени на македонски јазик во 2022 година. Наградата „Роман на годината”, чиј генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје, се состои од паричен износ од 150.000 денари, оригинална статуетка и плакета.

Од Фондацијата велат дека кандидатите се обврзани да достават по пет примероци од романот кои не се враќаат, во читалницата „Славко Јаневски” во Скопје (ул. „Димитрие Чуповски” бр. 23/1-1) секој работен ден од 14 до 20 часот или по пошта на адреса на Фондацијата „Славко Јаневски“, бул. „Кузман Јосифовски Питу” 19/6-40, 1000, Скопје.

Доколку бидат испратени по препорачана пошта, ќе бидат прифатени оние романи коишто благовремено ќе бидат доставени со дата на печатот заклучно со 15 јануари 2022 година. Пожелно е и доставување на романи во електронска верзија на адресата: [email protected]

Одлуката за добитникот на наградата петчлената жири-комисија е обврзана да ја донесе најдоцна до 15 март 2022 година, а следниот работен ден да ја објави на прес-конференција. Наградата „Роман на годината”ќе биде доделена по 24-ти пат.